Совети за здравје

Домашно лекување на болно грло

Секогаш е корисно да се знае некој домашен лек за болно и суво грло затоа што симптомите знаат да бидат навистина непријатни.

Домашно лекување на болно грло

Чувство на жештина, непријатност, чешање, болка... Не можете да голтате, болно ви е кога зборувате. А тоа може да е само почеток...

Болката или другите непријатни чувства во грлото можат да бидат прв знак на:

  • обична настинка
  • грип
  • ларингитис (воспаление на гласните жици)
  • некои детски болести како сипаници и друго
  • ациден рефлукс (враќање на желудочната киселина во грлото).

Повеќето проблеми се воспаление на грлото (фарингитис) или воспаление на крајниците (тонсилитис), предизвикани од вирусна или бактериска инфекција.

За разлика од бактериските инфекции на грлото и крајниците, кои бараат третирање со антибиотици, вирусите не реагираат на антибиотици и најдобар лек за нив се домашните лекови, кои можат да помогнат болните и непријатни симптоми значително да се ублажат. Второво важи и за иритации на грлото предизвикани од пушење, загаден воздух, сува топол воздух, алергиска реакција или повраќање.

Домашни третмани за болно грло
Најдобар начин за да се намалат непријатните чувства од грлото и крајниците е гаргарата. За жал, не е погодна за деца, но возрасните можат да почувствуваат подобрување од неа речиси веднаш откако ќе се примени. Постојат многу рецепти за гаргара при болно грло. Таа се прави со раствори од топла вода и:

  • лимонов сок
  • јаболков оцет
  • морска сол
  • мед
  • ѓумбир

Наместо топла вода, може да се користи и чај од камилица, а добар за гаргара е и чајот од жалфија. При гаргарењето, слободно голтнувајте по малку од растворот.

Совети:

  • Ако го правите ова првпат или одамна не сте го правеле, растворот нека биде послаб, за да не ве закашла. Сами ќе почувствувате колку силен раствор може да поднесете, но затоа е важно да се почне со послаб, па постепено да се прилагодува.
  • Оцетот и лимонот се силни кисели супстанци кои можат да го уништат заштитниот слој на забите. Затоа, веднаш по гаргарата, измијте ги забите и исплакнете ја усната празнина.
  • Лимоновиот сок го суши грлото, не користете го кога тоа е суво.